Конкурс за стипендии „Борис Трајковски“ за постдипломски студии – МБА-програма на Универзитетот Јорк, 2025/2026

До 30 јуни е активен повикот за стипендии „Борис Трајковски” за постдипломски студии за паневропската извршна МБА-програма на Универзитетот Јорк, за академската 2025/2026 година. Овие стипендии се доделуваат согласно Протоколот за соработка меѓу Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, Министерството за образование и наука и Сити колеџ, Европски кампус на Универзитетот Јорк, Обединето Кралство.

Стипендиите го покриваат надоместокот за студирање за 20 студенти за вонредни двегодишни студии од втор циклус во рамките на Паневропската извршна МБА-програма, со двојна диплома – од Универзитетот Јорк и од Универзитетот во Стразбур, која се реализира во Солун.

Студиските области опфаќаат: Општ менаџмент, Маркетинг, Финансии, Менаџмент во логистика, Менаџмент во здравство и Менаџмент на човечки ресурси.

На конкурсот можат да се пријават професионалци од различни области и бизнис лидери вработени во приватниот и во јавниот сектор. Според критериумите од Конкурсот и според ранг-листата изготвена од Комисијата за избор, стипендија ќе добијат најдобрите дваесет кандидати.

Вкупната сума за школарина за МБА-програмата е 14,890 евра по студент. Од таа сума, половина од средствата, односно по 7,445 евра, ќе ги покријат Универзитетот и Владата на Република Северна Македонија.

Паневропската извршна МБА-програма е планирано да се изведува во Солун за време на викенди. Како што е наведено, корисниците на стипендии треба да патуваат во Солун најмногу до еден викенд во месецот во период од две години и да учествуваат на студиските посети во траење од три недели: една недела на Универзитетот Јорк, Обединето Кралство, една недела на Универзитетот во Стразбур, Франција, и една студиска недела во Солун.

Сите предавања ќе бидат на англиски јазик. По успешно завршување на дуалната МБА-програма, студентите ќе се стекнат со две дипломи за извршни магистерски студии по деловна администрација – од Универзитетот Јорк и од Универзитетот во Стразбур.

Важно е да се напомене дека стипендиите ги покриваат само средствата за школарина. Останатите трошоци, како патни трошоци, сместување и други животни трошоци, се одговорност на кандидатите.

Условите за пријавување, критериумите за избор, потребните документи и начинот на аплицирање се детално опишани во Конкурсот кој е објавен на веб-страницата на МОН.

Рокот за поднесување на апликациите е до 30 јуни.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Main Menu