
Црна Гора нема да дозволува увоз на половни автомобили постари од 15 години
Во Црна Гора во 2024 година има драстично зголемување на увозот на половни возила, пред да почне да се применува одлуката за забрана за увоз на автомобили постари од 15 години, која треба да стапи на сила од 1 јули годинава. Во првите три месеци годинава се увезени 35 отсто повеќе возила во однос на истиот период лани. Споредено со истиот период во 2022 година, зголемувањето на увезените автомобили е над 100 отсто, објави Радио Слободна Европа, врз основа на податоците кои биле доставени од Царинската управа на Црна Гора.
Просечната старост на возниот парк во Црна Гора е околу 17 години, а речиси две третини од возилата се постари од 15 години. Од црногорското Министерството за сообраќај објаснуваат дека половните возила кои ќе можат да се увезуваат од јули ќе имаат подобри безбедносно-технички карактеристики.
Црна Гора има најмногу автомобили по глава на жител меѓу земјите од регионот, покажуваат податоците на Еуростат. Во земјата живеат 630 илјади лица, а има 285.000 регистрирани возила. Од нив 242 илјади се патнички возила. Во последните три години во ЦГ се увезени 51.500 половни возила, а нивната вредност изнесува 270 милиони евра, информираат од Царинската управа. Околу 35.000 возила пристигнале од земјите на Европската Унија, објави РСЕ.